Енергетика

Ќе се градат фотоволтаични централи во „Осломеј“

12.02.2020 16:08

Две фотоволтаични централи од 50 мегавати ќе се градат во „Осломеј“ со јавно- приватно партнерство. Објавен е тендерот за инвестицијата тешка 80 милиони евра...

Државната енергетска компанија АД ЕСМ објави тендер за изградба на фотонапонски централи со моќност од 100 мегавати во напуштениот рудник за јаглен на ТЕЦ-Осломеј. Ќе се користи моделот на јавно- приватно партнерство, а приватниот партнер ќе треба да инвестира околу 80 милиони евра во сончевите електрани и по период од 35 години објектите да ги предаде во владение на ЕСМ.

„Договорот за јавно- приватно партнерство би бил во траење од 35 години. Приватниот партнер е обврзан да го пренесе правото на сопственост на фотонапонските електрани и да му ги предаде во фактичко владение на јавниот партнер АД ЕСМ во исправна оперативна и погонска состојба. Градбата на електраните ќе биде целосна инвестиција на приватниот партнер, а проценка е дека ќе се инвестираат околу 80 милиони евра“, изјави генералниот директор на АД ЕСМ,  Васко Ковачевски.

Според правилата на повикот од приватниот партнер се бара да преземе сто вработени од сегашната термоцентрала „Осломеј“, а годишно на ЕСМ ќе треба да му плаќа 1/10 од продадената електрична енергија по цена на берзата „Хуперс“. ЕСМ ќе инкасира годишно околу 800 илјади до 1 милион евра, а ќе инвестира со локацијата, пристапниот пат и преку балансирањето.

„Пред 2,5 години во нашата држава имаше инсталирана снага од не повеќе од 20 мегавати. После 1,5 година веќе ќе имаме инсталирана снага од речиси 200 мегавати произведена електрична енергија од фотонапонските централи“, рече министерот за економија, Крешник Бектеши.

Инвестициите во фотонапонските и во ветерните електрани се вложување во најбрзорастечките технологии, вели Бектеши. Одговарајќи на новинарски прашања директорот на ЕСМ Ковачевски појасни дека преку мапирањето годинава за инвертори ќе можат да аплицираат семејства што живеат во најзагадените делови на: Скопје, Битола, Тетово и Кичево, а за наредните години во проектот за субвенционирање ќе бидат вклучени и други градови.

 

Свето Николовски