Брисел

Вонреден состанок на министрите за здравство од ЕУ поради Ковид-19

13.02.2020 13:09

Во Брисел, вонреден состанок на министрите за здравство на земјите- членки на ЕУ поради Коронавирусот. Кина пријави 254 нови смртни случаи и подем од 15 илјади дневно на заразени, откако во најтешко погодената провинција Хубеј беше применета нова методологија за категоризација на случаите...

Министрите за здравство на земјите-членки на ЕУ на вонреден состанок во Брисел поради кризната состојба со коронавирусот. Бројот на заболени и натаму расте и покрај мерките што ги презедоа многу земји во светот. Најголемиот број жртви се во континентална Кина каде што се изолирани десетина градови за да се спречи ширењето на Ковид-19. Во епицентарот на епидемијата, кинескиот град Вухан, се градат нови болници. Починале уште 242 со што вкупниот број на смртни случаи надмина 1350. Инфицирани се речиси 60 илјади луѓе. Во провинцијата Хубеј се отпуштени уште двајца функционери поради несоодветно справување со епидемијата. На терен се распоредени уште 1400 војници.

„Епидемијата е тест за солидарноста. Таа го изнесува најлошото и најдоброто во луѓето. Стигматизирањето на поединци или цели народи само му наштетува на процесот за одговор. Наместо да ја насочуваме целата енергија против епидемијата, изолирањето го пренасочува вниманието и ги врти луѓето едни против други“, изјави Тедрос Аданом Гебрејесус, генерален директор на СЗО.

Во меѓувреме, крузерот „Вестердам“ конечно доби дозвола да се стационира во Камбоџа откако беше одбиен од пет пристаништа во Азија. Меѓу неговите патници не е откриено присуство на заразата.

„Над 500 патници купиле билет. Нашите власти проверуваат кој досега има обезбедено авионски лет“, изјави Коуч Чамруен, гувернер на провинцијата Сиануквил.

 На „Дајмонд принцес“ во Јапонија уште 200 нови заболени.

„Ќе се тестираат и луѓето кои се изложени на голем ризик на заразата, како оние што се во соби без прозорци и повозрасни патници. Тие со негативен тест може да почнат да заминуваат од крузерот, и да се сместат во простор кој е подготвен и оспособен од владата. Оние над 80-годишна возраст се веќе тестирани“, изјави Кацунобо Като, министер за здравство на Јапонија.

Поради коронавирусот беа откажани многу спортски и културни настани. Организаторите на Олимпијадата во Токио не планираат да ги презакажат Летните игри.

„Има многу неодговорни гласини за коронавирусот кој почна во кинеската провинција Хубеј. Но повторувам дека не планираме да го откажеме или одложиме настанот. Утврдивме мерки во штабот на извршниот директор Тошихиро Муто и разменуваме информации со Националниот институт за инфективни болести“, изјави Јоширо Мори претседател на Токио 2020.

Исто како и другите поттипови на коронавирусот, Ковид-19 е категоризиран како зоонотичен, односно се пренесува меѓу животните и луѓето. Но конкретно овој поттип се пренесува и од човек на човек. Респираторната болест може полесно да се спречи со избегнување на близок контакт со луѓе кои имаат симптоми како кашлање и кивање, и со редовно миење на рацете.

Тимови во Хонгконг истражуваат дали заразата се шири и низ водоводот откако беа откриени случаи на заболени во станбен блок. Во 2003 година за време на епидемијата со САРС, над 300 заразени беа регистрирани во голем станбен комплекс во кој вирусот се проширил преку канализацискиот систем.

 

Маја С. Филдишев