Јавен повик за развој на плански региони
Осум центри за развој може да аплицираат на јавниот повик на Министерството за земјоделство за подобрување на руралната и патната инфраструктура, за да се олесни пристапот до земјоделските парцели. Јавниот повик ќе трае до 25-ти февруари. Лани биле инвестирани над 24 милиони денари...
Ќе се подобрува руралната и патната инфраструктура, а апликациите ќе се поднесуваат преку осум центри за развој. Целта е развој на планските региони и олеснување на пристапот до земјоделските парцели, велат од Министерството за земјоделство. Јавниот повик ќе трае до 25-ти февруари. Лани биле инвестирани над 24 милиони денари.
„Центрите имаат можност да реализираат инвестиции за подобрување на руралната патна инфраструктура преку изградба и реконструкција на пристапни патишта во подрачја со интензивна земјоделска дејност. Со ваквиот тип на инвестиции ќе се подобри и олесни пристапот до обработливите земјоделски површини, што е важно за земјоделците кога ги вршат агротехничките мерки, бербата и транспортот на земјоделските производи. Право на учество на овој Јавен повик имаат Центрите за развој на планските региони на територијата на Република Северна Македонија “, изјави министерот Димковски.
И додека во Министерството течат јавните повици и се распределуваат средствата, дополнителниот заменик- министер за земјоделство, Трипуновски обвинува дека во ресорот се вршат незаконски прераспределби. Посочува дека ниту едно решение не смее во време на техничка влада да биде спроведено без врзан потпис и од министерот и заменик- министерот.
„Дополнителниот заменик министер заедно со министерот треба да одлучува за сите кадровски прашања. Гледаме дека тоа не е случај. За ваквите ситуации некој ќе понесе одговорност“, изјави дополнителниот заменик- министер за земјоделство, Трипуновски.
Од ресорот информират дека се откупени 97 проценти од тутунот. Според Трипуновски, состојбата е поинаква, има големи количества тутун што не се откупени.
Дијана Ценевска
