Презентиран оперативниот план за вработување во 2020-та
1,3 милијарди денари од државната каса ќе се одлеат за мерките за вработување, дополнителни 100 милиони се обезбедени преку програмите од пет меѓународни организации- велат од владата. Проектирано е да добијат поддршка 12 илјади невработени лица...
Преку активни мерки за вработување државата ги стимулира невработените да се доквалификуваат или преквалификуваат за да можат компаниите полесно да ги вклучат во производствениот процес, односно се обезбедува поголема вработливост. Пред бизнис-заедниците, синдикатите, работодавачите и меѓународните партнери е презентиран оперативниот план со активни мерки и програми за вработување со буџет од 22,7 милиони евра.
„За Оперативниот план оваа година обезбедивме 1,4 милијарди денари, од кои 1,3 милијарди се од државниот буџет, додека останатите финансиски средства се обезбедени од партнерските организации (UNDP, EU, UNOPS, ILO, SDC), кои постојано ја поддржуваат државата да инвестира во активни мерки за вработување. Благодарение на оваа рекордна сума, очекуваме оваа година да бидат вклучени речиси 12 илјади невработени лица, односно 11.761 лице“, изјави вицепрмиерката за економски прашања Мила Царовска.
Се очекува годинава преку самовработување со износ од 447 милиони денари да бидат поддржани 1.364 микро бизниси. Сите активни мерки се многу значајни за зголемување на вработеноста на сите граѓани, а особено на најранливите, велат од УНДП.
„Во партнерство со Владата, УНДП ќе реализира неколку програми и мерки со цел јакнење на претприемништвото и поттикнување на одржливи вработувања и креирање на нови работни места, фокусирајќи се на младите, иновациите, но и на ранливите категории на граѓани“, рече Нарине Сахакјан, постојан претставник на УНДП.
Со поддршка на ЕУ преку мерките е предвиден опфат на 1.200 корисници на гарантиран минимален приход, за да се вработат и да излезат од системот на социјална заштита. Со младинскиот додаток од 3000 денари месечно ќе се поддржува производственото ангажирање на млади до 23 години, а со обуки за дефицитарни занимања ќе им се излезе во пресрет на барањата на работодавачите да ги обезбедат потребните стручни кадри, велат од Агенцијата за вработување.
Анализите покажале дека дури 93% од основаните фирми во 2017 функционираат и денеска, а од лани поддржаните дури 99% се активни во дејноста.
Свето Николовски
