Седница за Законот за јавно обвинителство
По цел ден договарања, почна и за неполни 10 минути заврши седницата за Законот за јавно обвинителство. ВМРО-ДПМНЕ обвини за непринципиелни договори и тргување со гласови на пратеници. СДСМ одговори дека е дадена шанса за расправа за законските решенија. Спикерот Џафери ја прекина седницата и го закажа продолжението за денеска. Предложи лидерска средба...

Претседателот на Собранието, Талат Џафери вчера на седницата за Законот за јавно обвинителство предложи за денеска одржување на лидерска средба на која, како што рече, ќе се потврди желбата на сите партии за одржување на изборите на 12-ти април. Тој претходно ја одложи седницата оти се пријавиле повеќе од 30 говорници и поради тоа што пратениците цел ден му се жалеле дека биле преморени од чекање.
Собранието денеска во рамки на 135. седница треба да расправа по законите, кои веќе поминаа во Комисијата за европски прашања и во матичната Законодавно-правна комисија.
Двотретинско мнозинство е потребно за Законот за јавно обвинителство, кој не е официјален услов за добивање датум за почеток на преговори со ЕУ, но сепак од високите европски претставници се споменува како позитивен сигнал кој би можел да го придвижи процесот.
