Нова потврда за добрата бизнис – клима
Уште една потврда на атрактивноста на Македонија за странските инвеститори. Неколку градови и региони од земјава, од угледниот ФДИ магазин на Фајненшл Тајмссе посочени како најдобри бизнис – дестинации. Наградата ќе се додели на најголемиот саем за индустриски недвижности во Кан...

Охридско – струшкиот регион е најдобар во Европа според трошоците за правење бизнис и е на шестото место според стратегијата за привлекување инвеститори. Скопје предводник на листата кај малите градови, а Штип и Велес лидери во рангирањето кај микро градовите. ФДИ магазинот ја потврди атрактивноста на Македонија како бизнис – дестинација, а посочените локации веќе ги скенираат странски компании.
„Можам да откријам дека една компанија, со која остваривме контакти во Штудгард и Диселдорф, неделава е во Македонија. Таа ги разгледува токму овие региони коишто се споменати во рангирањето. Самото тоа што овие градови и региони се највисоко рангирани во Европа, ќе ни даде дополнителен импулс во презентирањето на инвестициските можности на државата“, изјави Виктор Мизо, директор на ДТИРЗ.
Македонија во истражувањето стои подобро од речиси сите земјиод регионот. Главни критериуми во оценувањето се економскиот потенцијал, човечкиот капитал, трошоците за правење бизнис, инфраструктурата, деловната соработка, и стратегијата за привлекување странски инвеститори.
Од четирите градови или региони коишто се најдоа на рангирањето на ФДИ магазинот, во три веќе има слободни економски зони. Во Скопје тоа се Бунарџик 1 и 2, и зоната во Штип. Ова се целосно функционални зони, со изградена инфраструктура и со веќе позиционирани странски компании. За зоната во Охридско – струшкиот регион се обезбедени средства, а изградбата на инфраструктурата ќе почне по изборите.
И покрај тоа што инфраструктурата во оваа зона се уште не е изградена, неколку странски компании се заинтересирани да инвестираат во неа.
„Со неколку компании коишто се заинтересирани за овој регион, ќе го направиме истото како и со Џонсон Контролс во Штип. Инфраструктурата во зоната ќе ја правиме паралелно со изградбата на фабриката на инвеститорот“, изјави Виктор Мизо, директор на ДТИРЗ.
Во рангирањето кое се прави на две години, били вклучени 468 градови и региони. Тоа на Македонија ќе и донесе дополнителен адут во привлекувањето странски инвеститори.
Мартин Пушевски
