Постигнат договор помеѓу ЈП ПОЦ, Општина Центар, Скопски Пазар и пазарџиите од Зелен Пазар
Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ и директорот на ЈП Паркинзи на Општина Центар, Васко Кичевски, остварија средба со директорот на Скопски пазар АД Скопје, Младен Дамев и претставници на пазарџиите од „Зелен Пазар“ со цел да се надминат проблемите на паркиралиштето „Аутомакедонија“.

ЈП Паркинзи на Општина Центар следниот месец ќе го уреди „дивиот паркинг“ позади „Зелен Пазар“ кој моментално е во хаотична состојба и не е функционален ниту за жителите ниту за корисниците на услугите на Скопски пазар. На ова неуредено паркиралиште ПОЦ ќе постави нов систем за контрола на влезно-излезни рампи, односно, едниот дел ќе биде наменет за товарните возила на пазарџиите, а останатиот дел ќе биде резидентен паркинг за жителите од ул. „11 Октомври“ и бул. „Кочо Рацин“.
Со отворање на ова паркиралиште, паркиралиштето „Аутомакедонија“ целосно ќе се ослободи од товарните возила и ќе им овозможи на жителите брз и лесен пристап до нивните домови. Постигнат е договор помеѓу ЈП ПОЦ, Општина Центар, Скопски Пазар и пазарџиите од Зелен Пазар, информираат од Општина Центар.
На средбата помеѓу градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ и директорот на ЈП Паркинзи на Општина Центар, Васко Кичевски, со директорот на Скопски пазар АД Скопје, Младен Дамев и претставници на пазарџиите од „Зелен Пазар“ се разгледувале доставените барања од страна на пазарџиите, се разговарало за нови ефикасни решенија кои се во интерес и на жителите и на трговците од „Зелен Пазар“.
Општина Центар во координација со пазарна инспекција ќе ја преземе одговорноста за дивите пазарџии на паркиралиштето кај „Аутомакедонија“.
