Македонските вина прават сериозен пробив на европските пазари
Се празнува Св. Трифун, заштитникот на лозарите. Симболично се закројуваат виновите насади. Надлежните во посета на Тиквешијата. Министерот Димковски вели македонските вина прават сериозен пробив на европските пазари, и тоа е добро за нашата економија...
Големиот празник Св. Трифун прославен во Тиквешијата. Празникот на лозарите го означи почетокот на лозарската година. Производството на грозје и вино има огромна традиција на балканските простори, рече ресорниот министер Димковски. Посочи дека производството на вино е значајно за економијата. Лозарите ги добија субвенциите за одржување на насадите што ќе помогне во одржливост на оваа гранка.
„Македонските вина прават сериозен пробив на европските и странски пазари и тоа е добро за нашата економија и за афирмација на нашата земја. Расте извозот на вино во шише, а паралелно и наградите за македонските вина на меѓународните саеми“, изјави министерот за земјоделство, Трајан Димковски.
Вицепремиерката за економски прашања Царовска посети дел од шеесетината проекти за развој на агротуризмот, мапирани и поддржани со европски пари.
„Вкупната инвестиција е 18 милиони евра средства кои се обезбедени од Европската делегација и Светска банка. Преку овие проекти директно се вложува во 10 дестинации низ државата. Сметам дека преку оваа програма директно се поттикнуваат компаниите да инвестираат“, изјави Царовска.
Евроамбасадорот Жбогар истакна дека проектот што го реализира ЕУ има за цел да изгради вински бренд кој ќе го промовира туризмот во земјава.
„Водичот за Lonely Planet ја стави Република Северна Македонија помеѓу топ 10 дестинации. Тие би требало да бидат посетени годинава. Сметам дека тоа претставува прекрасна можност за развој на туризмот во вашата земја“, нагласи евроамбасадорот Жбогар.
„Ние сме Агенција за економски развој и за нас туризмот е важен фактор за економскиот раст и за промоцијата на една земја. Но тука не станува збор само за економијата; преку туризмот државите му го покажуваат на светот она што имаат да го понудат“, рече директорот на Светска Банка за Македонија, Марко Мантонавели.
Според податоците вкупното годишно производство на вино се движи од 115 до речиси 125 милиони литри, од кои приближно 80 милиони завршуваат на странските пазари. Носат девизен прилив од 50 милиони евра.
Дијана Ценевска
