Гасификација

Почна постапката за избор на инвеститор што ќе ја гради гасоводната дистрибутивна мрежа

14.02.2020 15:06

Распишан е јавен повик за изградба на дистрибутивна гасна мрежа преку јавно- приватно партнерство. Инвестицијата е 300 милиони евра. Според владината одлука, главна предност на конкурентите ќе биде нивното искуство од оперирање во урбаните средини. Времетраењето на договорот е 35 години...

Распишан е јавен оглас за доделување договор за изградба на дистрибутивна гасоводна мрежа со моделот на јавно-приватно партнерство. Краен рок за поднесување на апликациите е 9 јуни годинава, предност во постапката ќе имаат компаниите со искуство во оперирање во урбани средини, а времетраењето на договорот е 35 години.

„Преку законот за концесија и јавно приватно партнерство и согласно законот за јавни набавки одлучивме да одиме со моделот на конкурентен дијалог, постапката ќе трае некаде околу 120 дена. Оваа инвестиција ќе надмине 300 милиони евра и ќе има не само директно туку и индиректно влијание и во другите области“, изјави Крешник Бектеши, министер за економија.

Заинтересираните инвеститори ќе треба да имаат најмалку 5 години искуство во дистрибуција на природен гас и најмалку 100 илјади корисници приклучени во нивниот систем. Во последните 3 години да имаат дистрибуирано најмалку 3 милијарди кубни метри природен гас, како и да имаат годишен приход од најмалку 150 милиони евра во последните 3 години.

„Целата градба ќе трае околу 4 години и според физибилити студијата во градските средини ќе треба да се изградат најмалку 50%, а во руралните општини таа обврска ќе биде да изградат 20% од проектираната мрежа“, рече Бајрам Реџепи, директор на НЕР.

Реџепи најави дека до средината на годинава треба целосно да заврши изградбата на магистралниот гасовод, а интензивно се работи на проектот за интерконективно поврзување со соседните држави. Се очекува во четвртиот квартал да почне изградбата на дистрибутивната гасоводна мрежа во неколку градови, а во 2021-ва ќе почне масовната градба на гасоводи во скоро сите градови. Услов во јавниот оглас е цената на приклучокот да не надминува 100 евра за домаќинство,додека инвестицијата за адаптација на уредите за четворочелно семејство и за стан од 85м2 се проценува на 1.500 евра.

Свето Николовски