Свет

Сѐ повеќе медицински лица меѓу заболените од Коронавирус во Кина

14.02.2020 15:28

Расте бројот на починати од коронавирусот. Сѐ повеќе медицински лица меѓу заболените во Кина. Првата група француски државјани, кои беа евакуирани од Вухан, по две недели се пуштени од карантин. Никој од нив не е позитивен на вирусот...

Првата група француски државјани, вкупно 181 лице, кои беа евакуирани од кинескиот град Вухан, по две недели се пуштени од карантин. Никој од нив не е позитивен на Ковид 19. Друга група, од 157 лица, која се наоѓа на југот на Франција, сè уште е во карантин, од кои 122 ќе бидат пуштени на 16 февруари, а останатите на 23. Во Франција се регистрирани 11 случаи на коронавирусот.

Во меѓувреме, континуирано расте бројот на смртни случаи. Според најновите податоци починати се 1.383 луѓе, а регистрирани се 5,090 нови случаи. Заразни се вкупно 64.435 лица во повеќе од 25 земји низ светот, а меѓу заболените во Кина има се повеќе медицински лица.

„Потврдени се 1.716 заразени медицински работници, што е 3,8 проценти од вкупниот број на заразени. За жал шестмина од нив починаа“, изјави Зенг Јишин, заменик директор на Националната здравствена комисија.

Иако смртоносниот коронавирус продолжува да се шири, сепак, засега не е доведено во прашање одржувањето на летните олимписки игри во Токио, тврди директорот на олимпискиот комитет Јоширо Мори.

По појавувањето на вирусот во провинцијата Вухан, низ светот кружат многу лаги, а една од тие е дека летните олимписки игри може да не се одржат. Јасно порачуваме дека воопшто не размислуваме на таа опција“, изјави Јоширо Мори, директор на Олимпискиот комитет.

Кина ги повика сите држави да се приклучат кон напорите во борбата против новиот коронавирус, кој, како што велат, преминува граници поради што се неопходни обединети напори на меѓународната заедница.

Сè повеќе земји ја ангажираат војската за евакуација и прифаќање луѓе од Кина. Први земји од регионот се Романија и Унгарија. Во специјална мисија на романското воено воздухопловство оваа недела од Германија во Букурешт биле префрлени две лица кои претходно престојувале во Кина.

Унгарија исто така го ангажирала военото воздухопловство за да ги превезува своите граѓани кои престојувале во загрозените области и формирала специјална работна група за борба против Коронавирусот. Најбројните евакуации од Кина во Европа досега ги направиле Франција, Велика Британија и Германија, а на глобално ниво САД и Јапонија.

 

Марина Ристова