Последните врнежи го спасија земјоделското производство

17.02.2020 10:26

По долгиот и сушен период, последните врнежи го спасуваат земјоделското производство. Временските услови според агрометеоролозите ќе овозможат да се изврши прихранувањето на житните култури и подготовката на овоштарниците и лозјата за претстојната сезона.

Последните врнежи ги спасија земјоделците. Снегот и дождот во изминатиот период кои паднаа на територијата на цела држава, позитивно ќе се одразат на развојот на земјоделските култури. Дождливиот викенд дополнително ја подобри состојбата со влага во почвата и создаде услови, најмногу во Пелагонија, да се изведе прихранување на есенските посеви.

Од оваа недела се очекува стабилизација на времето и пораст на температурите што ќе биде поволно за завршување на сите активности за подоготовка на овоштарниците и на лозјата за претстојаната сезона.

Исто така овие високи температури на некои места ќе придонесат и за почнување на развој на вегетацијата.

Во текот на јануари , февруари и на целата зимата досега временските прилики беа невообичаени за овој период и според агрометеоролозите и оваа година почна со неповолни услови за земјоделското производство.

Покрај ниското ниво на влагата во почвата, намалени беа и подземните води, а акомулациите без доток на вода се полни само една третина од потребното.

 

Методија Трајков