Политика

Џафери: Институциите да обезбедат услови за фер и демократски избори

17.02.2020 12:08

Нека биде чесно и достоинствено, нека победи гласот на народот, изјави претседателот на Собранието, Џафери, откако вчеравечер го потпиша решението за избори на 12-ти април. Апел до институциите да организираат фер и демократско соочување. Собранискиот спикер тврди, Законот за јавно обвинителство е донесен во соодветна процедура...

Спикерот Џафери го испратил решението за распишување на предвремените парламентарни избори до надлежните институции. Иако сите рокови се скратуваат за пет дена, истите може да бидат испочитувани, вели претседателот на Собранието, кој повика денот на изборите да биде свечен.

„Лидерите решија да го вратат мандатот кај вас, обврска е на институциите да обезбедат услови за спроведување на фер, слободни и демократски избори на кои вие ќе го искористите вашето демократско граѓанско право и обврска“, истакна претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Џафери појасни дека вчерашното прво гласање за Законот за јавно обвинителство го поништил поради технички проблеми, бидејќи некои од пратениците не биле регистрирани кога гласале. За измените на Законот за Советот на јавни обвинители, пак Џафери признава дека е негова грешка бидејќи соопштил оти законот се гласа со Бадинтер. Подоцна забележал дека не е потребен.

„Да јас згрешив. Мислам дека не е крај на светот ако човек каже- да згрешив. Не е тоа што го тврдат некои медиуми. Во три години и јас имам право да згрешам“, рече Џафери.

Џафери без конкретен став дали повторно би прифатил да е претседател на Собранието. Тоа вели зависи од граѓаните, но и од одлуката на неговите сопартијци во ДУИ.

 

Миле Ристески