Расте бројот на заразени од Ковид-19
Расте бројот на заразени од Ковид-19 на крузерот во Јокохама. Со авион се евакуирани речиси 400 заболени американски државјани. Стабилна е здравствената состојба на двајцата македонски државјани. Британија се подготвува за евентуална епидемија од коронавирусот...

Два авиона со Американците кои беа евакуирани од крузерот „Дајмонд принцес“ заминаа од Јапонија. Речиси 400 државјани на САД беа во карантин од 3 февруари поради новиот коронавирус кој се појави во Кина. Крузерот со 3.700 патници се смета за најголемото жариште на заболени надвор од кинеската територија каде што се регистрирани над 90% од смртните случаи. На „Дајмонд принцес“ досега има 355 заболени од Ковид-19. Јапонската влада обезбеди по еден ајфон за секоја кабина во бродот за да можат патниците полесно да комуникицираат со доктори, фармацевти и психолози.
„Ситауцијата со новиот коронавирус постојано се менува. Пред неколку дена ја загубивме првата жртва меѓу нашите државјани. Неодамна се зголеми бројот на заразени, но непозната е рутата на инфекцијата“, изјави премиерот на Јапонија, Шинзо Абе.
Во Кина починаа над 1.770 луѓе, а заразени се над 70.500. Но Пекинг тврди дека три дена по ред е забележан пад на бројот на заболени.
„На државно ниво, врвот на потврдени случаи беше регистриран на 27 јануари. Сегашниот е 7,2%, што значи дека владините напори против епидемијата покажале резултати“, изјави Ми Фенг, портпарол на Националната комисија за здравство.
Над 1.400 пациенти се пуштени од болничко лекување.
„Имав близок контакт со медицинскиот персонал и знам дека работеа многу. Работата не им е лесна. Сакам да им се заблагодарам. Вирусот не е толку страшен и можеме да го победиме.“
Тајван одвојува пакет помош од две милијарди американски долари за справување со негативните последици од Ковид-19. Во него се опфатени субвенции за хотели, транспорт, ваучери за храна. Туристичкиот сектор се соочува со драстичен пад на посетители.
„Претходно заработував 100 долари на ден. Денеска само 23. Сега е посериозно од времето со САРС. Мислам дека овој пат нема да се извлечеме. На пример, епидемијата го намали бројот на посетители на Националниот музеј од 7-8 илјади дневно на само две илјади. Пад од 60-70%“, вели Хуанг Чинг-Чун, таксист.
Поради коронавирусот во Азија продолжува трендот на откажување на јавните настани. Кина го одложува годишното заседание на Парламентот, Јапонија – роденденот на царот Нарухито. Токио нема да го одржи ни маратонот иако се пријавени 38 илјади луѓе. Сепак, главниот град на Јапонија засега не планира да ги одложи или откаже Летните олимписки игри.
Маја С. Филдишев
