Македонската државјанка која беше во карантин во Франција нема коронавирус и е вратена во земјава

17.02.2020 14:46

Македонската државјанка, која со посредство на амбасадите на Република Македонија во Пекинг и Париз, беше евакуирана од кинескиот град Вухан и помина 14 дена во карантин во Франција се наоѓа во одлична здравствена состојба и поседува соодветен сертификат дека не е инфицирана со коронавирусот...

По 14 дена во карантин во Франција, македонската државјанка која беше евакуирана од Вухан е вратена во земјава, информираат од Министерството за надворешни работи. Нејзината здравствена состојба е добра и таа поседува сертификат дека не е инфицирана со Ковид- 19.

Македонската амбасада во Токио е во постојана комуникација и со македонецот кој на бродот „Дајмонд принцес“ се зарази со коронавирусот, а во моментов е хоспитализиран во болница во Јапонија. Тој се чувствува добро и состојбата му е стабилна.

Амбасадата комуницира и со останатите двајца македонски државјани, кои се сѐ уште во карантин на крузерот, и никој од нив досега не пројавил симптоми кои може да укажат на присуство на коронавирусот, информираат од Министерството за надворешни работи.