ЕУ- Западен Балкан

Спасовски, Брнабиќ и Рама на средба со Вархеји

17.02.2020 15:09

Донаторската конференција „Заедно за Албанија“ во Брисел искористена за средба на премиерот Спасовски со еврокомесарот за проширување Вархеји...

Европската Комисија дава целосна поддршка за регионалната соработка во Западниот Балкан, како инцијативата Мини Шенген, порачал еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји на средбата со премиерите од земјава, Србија и Албанија, Спасовски, Брнабиќ и Рама.

Лидерите на трите земји на средбата со еврокомесарот за проширување разговарале за регионалната соработка како значаен придонес на секоја држава од регионот во зајакнувањето на капацитетите за меѓусебна поддршка во остварувањето на стандардите за забрзана интеграција во ЕУ.

На средбата со еврокомесарот Вархеји станало збор и за новата методологија за преговори, при што било заклучено дека се дава нов квалитет на преговарачкиот процес и дополнителна мотивација и аспирација за земјите кандидати да го забрзаат остварувањето на членството во унијата.

Премиерите Спасовски, Брнабиќ и Рама во Брисел учествуваа на донаторската конференција за земјотресот во Албанија за помош при реконструкцијата на погодените подрачја.