Одбрана

Шекеринска: Поставен јарболот за македонското знаме пред НАТО

17.02.2020 15:38

Ратификацијата на Северноатлантскиот договор, знамето на НАТО пред Собрание, и Законите за јавно обвинителство се реалност. Ги утврдивме сите внатрешни механизми за практикување на членството во НАТО, вели министерката за одбрана Шекеринска. Најголема придобивка е колективната безбедност...

Безбедносниот чадор што штити над милијарда луѓе низ целиот свет, сега ќе не штити и нас, вели министерката за одбрана Шекеринска. Според неа, членството во НАТО ќе значи сигурност и суверенитет за нашата држава. Според вицепремиерката, да се биде 30-та членка на оваа Алијанса е успех и победа. Изрази и задоволство поради тоа што пред седиштето на НАТО веќе се обезбедува простор за поставување на јарболот за македонското знаме.

Последните подготовки за кревањето на нашето знаме пред седиштето на Алијансата  може да се видат и во видеото, снимено од претставниците на нашата мисија во НАТО.

„Пред седиштето на НАТО во Брисел, денеска се прави простор и се подигнува јарболот што го чека нашето знаме и прашање на денови е кога нашето знаме ќе стои рамноправно заедно со останатите 29-те знамиња на членките на Алијансата“, изјави министерката за одбрана Шекеринска.

Протоколот за македонското членство во НАТО досега го ратификуваа парламентите на 28 земји- членки. Од полноправно и официјално членство нѐ дели уште ратификацијата во Шпанскиот парламент, што се очекува во почетокот на март.

Македонските пратеници веќе го усвоија Северноатлантскиот договор, но со ковертирано дејство поради распуштањето на Законодавниот дом и изборите во април.

Марија Котовска