Заминувањето во странство главна причина за недостиг на кадар
62% од анкетираните компании имаат проблеми со обезбедување на потребниот кадар. Анкетата покажала и дека над две третини од фирмите се подготвени да вложат сопствени средства во преквалификација и доквалификација за да дојдат до потребните стручњаци...

62% од анкетираните компании членки на Стопанската комора имаат проблеми со обезбедување на потребниот кадар. Причините за ова најчесто се: заминување на работоспособното население во други земји, несоодветното образование на лицата што бараат работа, како и проблемите при преземање кадар од други работодавци. Анкетата покажала дека над две третини од фирмите се подготвени да вложуваат сопствени средства во преквалификација и доквалификација за да дојдат до потребниот кадар.
„Не е за потценување имајќи во предвид дека недостигот на кадар го попречува работниот процес на компаниите што директно влијае на намалувањето на продуктивноста.Причината за ваквата состојба 36% од компаниите ја гледаат во заминување на работоспособното население во странство, 32,88% компании причините ги гледаат во неактивното работоспособно население, додека 18,7% нагласуваат дека имаат сериозен проблем при преземање на кадар од другите компании“, изјави Наташа Јаневска, Стопанска комора на Македонија.
Анализата на Стопанската комора покажала дека се бара кадар со различни нивоа на квалификација и различни нивоа на знаење, односно степени на образование.
„Тргнувајќи од општи работници ,армирачи,тесари,ѕидари,оператори на ЦНЦ машини,па дури и кадар со високо образовни квалификации, како што се машински инженери, електроинженери, фармацевти, доктори, економисти, хемичари итн“, вели Јанева.
Слични се и анализите на Агенцијата за вработување. Кај високо образованите кадри најмногубарани се: програмерите, економистите, машинските и електроинженерите, систем администраторите, градежните инженери. Со средно и више образование најмногу се бараат: технички оператори,машински и електро техничари,инспектори за контрола на квалитет. Од среднистите во фокус на компаниите се: шивачите на текстил, келнерите, продавачите, обезбедувачите, заварувачите, работници на производствена линија, магационери,возачи на камиони. Со основно образование најчесто се потребни: општи работници, хигиеничари, работници за утовар и истовар. При креирањето на оперативниот план за активни мерки на вработување за 2020-та државата прифатила над 80% од побаруваните занимања на компаниите пријавени во анкетата на бизнис заедницата за што преку буџетот и од меѓународни донатори се обезбедени 1,4 милијарди денари.
Свето Николовски
