Обама-Путин: Втор обид за Украина!

07.03.2014 13:36

Вашингтон и Москва бараат дипломатско решение за украинската криза...

Претседателот на САД, Барак Обама со втор обид да го убеди рускиот претседател Владимир Путин за дипломатско решение на украинската криза. Добил одговор дека Москва не може да ги игнорира повиците за помош од етничките Руси, и дека ситуацијата не треба да влијае на односите Русија-САД.

Руската Дума соопшти дека ќе го почитува изборот на Крим, откако врховниот совет на Полуостровот вчера реши да стане дел од Руската Федерација, што западните сили ја оценуваатза незаконска. Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) е и натаму поделен, Кина и Русија наспроти САД, Франција и Велика Британија.

„Сакаат да одржат референдум на којшто ќе се постават две прашања пред волјата на народот – да се приклучат кон Русија или да останат во Украина како автономна република со поширока власт“, вели Виталиј Чуркин, амбасадор на Русија во ОН.

„Референдумот за иднината на Крим го крши украинскиот устав. Според Уставот, за секоја промена на територијата на земјата мора да се решава на национален референдум. Нема да ги признаеме резултатите од кримскиот референдум“, изјави Саманта Пауер, амбасадор на САД во ОН.

САД и Европската Унија веќе почнаа да преземаат мерки против Русија и инсистираат Русија да им овозможи пристап на Крим на набљудувачи на Обединетите нации и ОБСЕ, но според најновите информации на западните медиуми, вооружени лица им забраниле влез на набљудувачите на ОБСЕ на  Крим.

Украинската изборна комисија се обидува да го спречи гласањето – не им го предава на кримските власти гласачкиот список. Кремљ предупреди дека е опасно да се меша „факторот НАТО“ во ситуацијата, додека американскиот разурнувач Тракстон ги помина Дарданелите и се приближува и влезе во Црното Море, на вежби со бугарската и романската морнарица.

Вашингтон информира дека маневрите се закажани пред кризата, но НАТО истовремено испрати неколку ловци во областа Калининград, на Балтикот.

Ивана Салтировска