Музичка „Бајка“ со американската виолинистка Естер Ју и оркестарот на Филхармонија
На програмата се Концертот за виолина и оркестар од А.Глазунов, симфониската поема „Кампот на Валенштајн“ од Б.Сметана и симфониската суита „Бајка“ од Ј.Сук.

„Бајка“ е насловен концертот кој оркестарот на Филхармонија ќе го одржи овој четврток во 20 часот. Како солистка ќе настапи исклучителната американска виолинистка Естер Ју, а диригент е Чарлс Оливиери Мунро од Малта. На програмата се Концертот за виолина и оркестар од А.Глазунов, симфониската поема „Кампот на Валенштајн“ од Б.Сметана и симфониската суита „Бајка“ од Ј.Сук.
Естер Ју го привлече вниманието на музичката јавност во 2010 година кога стана најмлад добитник на интернационалниот виолински натпревар „Сибелиус“. Во 2012 година беше една од најмладите лауреати на натпреварот „Кралица Елизабета“. Од 2014 до 2106 година беше „Уметник на новата генерација“ на Би-Би-Си, и првиот резидент уметник во Кралскиот филхармониски оркестар. Критиката ја опишува нејзината изведба како неверојатно моќна и драматична. Почнала да свири виолина на пет години.
„Мојата баба беше пијанистка, но и целото мое семејство сакаше класична музика. Израснав слушајќи различен тип музика уште од бебе. Раните години од детството ги поминав во Њу Џерси, во дел кој е многу блиску до Њујорк, а моите родители ме носеа на извонредни концерти во ‘Карнеги Хол’ и ‘Линколн Центар’ уште кога имав три години.
Седев мирна на овие концерти, маѓепсана од музиката и од она што се случуваше на сцена“, вели Естер Ју.
Оваа значајна виолинистка вели дека маестро Лорин Мазел бил една од нејзините најголеми инспирации.
