Забележителен пад на бројот на заразени од Ковид-19, најризични категории старите и болни лица
Бројот на новозаболени од коронавирусот во Кина се намалува. Најголема смртност има кај лицата постари од 80 години, а кај 80 насто случаи болеста минува со поблаги симптоми, велат кинеските здравствени власти...
Кина соопшти дека најновите податоци укажуваат на пад на бројот на заразени од новиот Коронавирус. Сепак експертите предупредуваат дека е сѐ можно кога станува збор за развојот на епидемиите. Здравствените власти во земјата ја објавија најобемната студија за „Ковид-19“ од почетокот на заразата пред два месеца, во која се наведува дека најризичните категории се старите и болни лица. Исто така голем ризик постои и за медицинските лица. Најголема смртност имало кај луѓето постари од 80 години, а до 39-годишна возраст стапката била 0,2%.
„Наш најголем приоритет е контролата на епидемијата. Ги мобилизиравме централните државни претпријатија за да извршиме епидемиска контрола. Вложени се максимални напори во борбата против Ковид-19“, изјави Рен Хонгбин, заменик директор на Државниот совет на Кина.
Истражувањето покажува дека во 80 насто од случаите симптомите биле благи, а само во 4,7% биле критични. Вирусот бил најопасен за пациентите со кардиоваскуларни болести, дијабетес и хронични респираторни проблеми.
На курзерот „Дајмонд принцес“ закотвен во јапонското пристаниште Јокохама се регистрирани нови 88 заразени, со што вкупниот број потврдени случаи достигна 542 лица.
„Сите на бродот се надеваат дека брзо ќе си заминат дома, а министерството планира да им помогне во тоа“, рече Катсунобу Като, министер за здравство на Јапонија.
Најтешко погодена област е провинцијата Хубеи. Таму смртноста изнесува 2,9%, а во другиот дел од земјата е 0,4%. Стапката на смртност од коронавирусот е 2,3%. Според последните информации, досега од Ковид-19 починале 1.868 луѓе, меѓу нив е и директорот на болницата Вучанг, кој е прв директор на болница што починал од последиците на вирусот. Заразени се повеќе од 72.000 луѓе.
Дел од експертите се согласни дека е можно многу лесно епидемијата да се претвори во пандемија.
Марина Ристова
