Стапи на сила новиот Закон за енергетска ефикасност

18.02.2020 13:50

Новиот закон ќе овозможи реализација на потребните инвестиции и мерки во областа на енергетска ефикасност, следејќи ги позитивните примери од земјите на ЕУ и регионот, каде енергетската ефикасност носи корист на повеќе нивоа, како за граѓаните така и за економијата.

Денеска стапи во сила новиот Закон за енергетска ефикасност што минатата недела го донесе законодавниот дом. Со ова, нашата држава во целост ги имплементира соодветните прописи за енергетска ефикасност на Европската унија.

Новиот закон ќе овозможи реализација на потребните инвестиции и мерки во областа на енергетска ефикасност, следејќи ги позитивните примери од земјите на ЕУ и регионот, каде енергетската ефикасност носи корист на повеќе нивоа, како за граѓаните така и за економијата.

Конечно приближно 300 енергетски контролори и  околу 80 друштва лиценцирани за вршење на енергетски контроли ќе можат да отпочнат со работа и со тоа активно да учествуваат во подобрувањето на енергетската ефикасност во земјава.

Законот пропишува и обврски за реконструкции на зградите во јавниот сектор на среден и долг рок и обврски за јавни набавки на исклучиво енергетски ефикасни стоки и услуги.

Законот ќе обезбеди понуда на исклучиво енергетски ефикасни производи и информираност на граѓаните во врска со нивото на потрошувачка на одделните групи на производи.

Се предвидува и основање Фонд за енергетска ефикасност како независно и самостојно тело, а средствата ќе се користат за финансирање проекти и мерки за енергетска ефикасност.