МВР

Нема аплицирање за пасоши додека не пристигнат новите обрасци

18.02.2020 15:01

Додека не стаса пратката патни исправи, која се очекува најдоцна до 24-ти март, системот за закажување за пасоши нема да биде во функција, информира министерот за внатрешни работи Наќе Чулев. МВР располага со уште околу 3.600 обрасци, а веќе се поднесени 16 илјади апликации по редовна постапка. МВР ќе издава патни исправи само за околу 650 лица на кои им се неопходни за лекување надвор од државата и по итна постапка...

Системот за закажување термини за патни исправи нема да функционира додека да стигне следната пратка обрасци, кои се очекуваат во март, информира министерот Чулев. Ваква одлука донел Управувачкиот комитет во МВР затоа што во моментот располагале со уште околу 3.600 обрасци, а имало поднесено 16 илјади апликации по редовна постапка. За 650 лица ќе се издаваат по итна постапка, а другите по приоритет. Граѓаните револтирани.

Министерот Чулев рече дека откако стапил на функција се соочил со проблемот за обрасци. Според информациите што ги добил во декември на залиха имало 88.100 пасоши, а податоците во јануари покажале 50 илјади помалку. За ова, тој посочи дека се вршело истрага и се утврдувало одговорност.

Согласно со склучениот договор, нарачката од 100 илјади обрасци од германската компанија треба да стигне до 24-ти март, но оттаму уверувале дека тој рок може да биде скратен за 10-тина дена.

Патните исправи со новото уставно име би требало да пристигнат во септември.

Наташа Гркова- Петрушевска