Кривичен суд

Случај „Рекет“: Рускоска се премисли, ја исклучи јавноста

18.02.2020 15:11

Рочиштето за предметот „Рекет“ во Кривичниот суд беше отворено, па повторно затворено за јавноста. Обвинителката Рускоска појасни дека во разговорите се споменувале имиња на лица кои не се вклучени во случајот, па би можел да биде повреден нивниот углед...

Како според онаа народната „ако реков, не пресеков“, обвинителката Рускоска за неполно деноноќие ја смени својата одлука јавноста да ги чуе снимките на Кичеец во судницата. Рече дека тоа ќе го стори за да се спречат шпекулациите во јавноста, ама веднаш по прикажувањето на листингот од телефоните побара истата таа јавност да биде исклучена зашто имало разговори во кои се споменуваат имиња на лица чиј углед би бил нарушен.

Обвинетите, Јовановски и Јанева побараа судот да не го стори тоа бидејќи сакале да бидат прикажани „доказите од Пандорината кутија“. Не помогнаа ни молбите на Јанева до судијката да не донесува одлука со која јавноста нема да ги слушне приватните разговори. Судечкиот судија, напомена дека не јавноста, туку судот го има последниот збор на судењето, со што придонесе за бурна реакција на претставниците на медиумите.

Реагираа и од одбраната. Бранителите на обвинетите не сакаа да коментираат ништо за снимките кои ги гледаа речиси два и пол часа зад затворена врата, бидејќи биле опоменати од судот.

На следното рочиште ќе бидат сослушани сведоците на првообвинетиот Бојан Јовановски, а седницата е закажана за в четврток, 20-ти февруари.

 

Фиљана Кока