Шакухачи мастерклас со Јосуке Ирие

18.02.2020 16:39

Шакухачи флејта - звук на древните времиња и мистеријата на зен будизмот

Во организација на амбасадата на Јапонија и Факултетот за музичка уметност во Скопје утре ќе се одржи Шакухачи мастерклас со наградуваниот виртуоз на јапонска шакухачи флејта - Јосуке Ирие.

Првите записи за древната Шакухачи флејта од бамбус, во Јапонија датираат од VII век, а врвот на својата популарност ја постигнува во периодот на Едо (XVII- VIII век).

Шакухачи флејтата се употребувала од монасите на зен будизмот, коишто ја вметнале во медитацијата, но нејзиното имплементирање во современата музика станува особено популарно по изведбите на некои од хитовите на Duran Duran, Dire Straits, Vangelis, Sade, Enya, Linkin Park, Marshall Jefferson, LTJ Bukem, Juno Reaktor, Future Sound of London и многу други.

Исклучителната раритетност на овој инструмент се должи и на начинот и специфичниот процес на неговата рачна изработка, поради уникатноста на секое парче бамбус од коешто се изработува овој инструмент.

Пред да започне неговото оформување во флејта, парчињата бабмбус со соодветната должина и форма, се чуваат во период од десет години во средина, со контролирани услови на влажност и температура на воздухот. Самата изработка на инструментот под рацете на врвни мајстори може да трае и повеќе месеци.

Јосуке Ирие, е еден од најафирмираните автори на современа јапонска музика, но и еден од врвните познавачи, изведувачи и професори на традиционална јапонска музика и инструменти.

Голем број на солистички концерти со традиционална и современа музика во над триесет земји во светот, се дел од неговото уметничко портфолио, а неговите мастер класови претставуваат врвна уметничка презентација и афирмација на јапонската традиционална музичка култура.