Милошоски ѝ ги предаде материјалите на Рускоска
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Милошоски на обвинителката Рускоска ѝ ја предаде аудио-снимката што минатата недела ја пушти од собраниската говорница. По средбата рече дека доставил само еден разговор. Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција соопштија- по преслушувањето и анализата ќе биде донесена одлуката за понатамошно користење на материјалот...
Антонијо Милошоски ѝ ја предаде аудиоснимката што ја добил од укажувач на обвинителката Рускоска на која се претпоставува дека се слуша гласот на поранешниот премиер Зоран Заев. Милошоски вели дека добил ветување оти материјалот ќе се користи како доказ во случајот „Меѓународен сојуз“ каде осомничени се Бојан Јовановски, неговиот татко и Фросина Ременски. Според Милошоски, најдобро би било Рускоска да го повика и Заев да даде појаснување за разговорот.
„Ги предадов материјалите со кои располагав, а ми беа доставени од укажувач. Тоа беше еден диктафон со аудиозапис и еден транскрипт. Се надевам дека истите ќе бидат од корист, бидејќи и самиот аудиозапис и транскриптот даваат еден сериозен сомнеж дека поранешниот премиер, господинот Заев, подолго време знаел за начинот на финансирањето на Меѓународниот сојуз, кој што не бил легален и помагал, според неговата изјава во тој запис, за финансирањето на 1ТВ“, изјави Милошоски.
Од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, ја потврдија средбата на обвинителката Рускоска со Милошоски.
„На негово барање, обвинителката Вилма Рускоска го прими пратеникот Антонијо Милошоски. На средбата Милошоски достави аудиоматеријал за кој по преслушувањето и анализа на истиот ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за понатамошно користење на материјалот“, се вели во соопштението од Обвинителството.
Снимката која ја предаде во Обвинителството, Милошоски минатата недела ја презентираше во Собранието на комисиската расправа по Законот за јавно обвинителство.
Наташа Гркова- Петрушевска
