Демант

Вице Заев: Ниту јас, ниту било кој член од моето семејство нема поврзаност со случајот „Рекет“

19.02.2020 14:56

Обидите за мое инволвирање на било каков начин во валканата политичка кампања сметам дека е намерно, лажно и тенденциозно со единствена цел, да му се наштети на Зоран Заев и политиките кои ги спроведува, вели Вице Заев во писмената реакција...

На денешната прес- конференција на Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ, писмено реагираше Вице Заев, братот на претходниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев.

Сите овие измислици и конструкции ги демантирам јавно. Ниту јас, Вице Заев, ниту било кој член од моето семејство нема поврзаност со случајот познат во јавноста како „Рекет“ ниту пак со лагите кои на прес конференции ги изнесува ВМРО-ДПМНЕ. Изнесените невистини дека сум се среќавал со лицата осомничени за овој случај, дека сум седел, дека ме имало на некои снимки ги демантирам, тоа не е точно, стои во писмената реакција.

Обидите за мое инволвирање на било каков начин во валканата политичка кампања сметам дека е намерно, лажно и тенденциозно со единствена цел, да му се наштети на Зоран Заев и политиките кои ги спроведува, вели Вице Заев во писмената реакција и ги повика сите надлежни институции да ги проверат сите изнесени наводи, да ги објават сите снимки, видеа, аудио материјали, за јавноста да се увери во вистината.