ДИК: Над 8,5 милиони евра за претстојните парламентарни избори

19.02.2020 16:15

Над 8,5 милиони евра има на располагање ДИК за претстојните парламентарни избори. Годинава посебен фокус ќе биде ставен на обуката на членовите на избирачките одбори. Ќе биде задолжителна. Тој што нема присуствува ќе остане без паричен надоместок...

540 милиони денари е вкупната сума што ја има на располагање Државната изборна комисија за организирање на предвремените парламентарни избори кои ќе се одржат на 12-ти април. Дел од нив за медиумското финансирање на кампањата на политичките партии во износ од приближно 3,6 милиони евра, за надоместоците на изборните органи и за гласањето во дијаспората.

Како што рече претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, годинава посебен фокус ќе има на обуката на членовите на избирачките одбори, која што ќе биде задолжителна, а доколку некој од нив не присуствува ќе остане без паричен надомест.

За членовите на ДИК е важно организациски, технички и кадровски ова највисоко изборно тело да одговори на потребите за спроведување на изборите. За таа цел, како што посочуваат, е неопходно да се засили  кадровската структура на ДИК зашто според измените во Изборниот законик им се дадени дополнителни надлежности.

За првпат на изборите во поглед на избирачкиот список според одредбата во изборниот законик ќе се запишат во списокот сите лица со навршени 18 години на денот на изборите на 12-ти април, но останува обврската до тој рок да си извадат личен документ за идентификација.

Според ДИК, се воведува како пилот проект идентификација на гласачите преку електронски апарати во десетици избирачки места како во руралните, така и во урбаните области.

 

Игор Панов