Дипломатија

Протоколот за НАТО од утре во Шпанскиот парламент

19.02.2020 16:23

Пристапниот протокол за членство на нашата земја во НАТО утре влегува во Шпанскиот парламент. Министерот за надворешни работи Димитров на средба со шефицата на шпанската дипломатија Лаја. Разговарале за заокружувањето на процесот за влез во Алијансата, но и за поддршка за датум за преговори со Унијата на мартовскиот состанок на Европскиот совет...

Стартува процесот на ратификација и во Шпанскиот парламент. Утре попладне 4-та точка на дневен ред на Комисијата за надворешни работи на Долниот дом. „Го чекаме моментот кога ќе станеме 30-та земја- членка и ќе го кренеме знамето пред седиштето на НАТО“, изјави шефот на дипломатијата Димитров по средбата со неговата шпанска колешка Лаја во Мадрид.

Двајцата министри за надворешни разговарале за заокружувањето на ратификацијата на протоколот за НАТО во Шпанскиот парламент, што се очекува да се случи во март. Тема и евроинтеграцијата и поддршката од Мадрид за почеток на преговори.

„Во моментов не сме подготвени да бидеме членка на ЕУ, но сме подготвени за почеток на преговарачкиот процес“, истакнал Димитров барајќи поддршка од Шпанија за преговори по вонредниот извештај на Европската комисија со нова препорака во првата седмица од март.

„Добивме сигнал од претседателот Макрон и министерката Моншалн и сме внимателни оптимисти дека ќе има одлука на Европскиот совет во март. Самитот во Загреб во мај ќе има политичка порака. По новата методологија чекаме извештај на Европската комисија на почетокот од март. Мислам дека имаме многу силен случај и нема да биде лесно да се каже „не“ на Северна Македонија за почеток на преговори. Затоа мислам дека имаме аргументи за заеднички успех“, изјави Димитров.

Шпанската министерка за надворешни Лаја потврдила дека Шпанија ќе поддржи почеток на преговори за Северна Македонија на Европскиот совет во март.

„Шпанија работи со Франција за обезбедување на консензус за ова прашање. За тоа стана збор и на средбата на шпанскиот државен секретар за ЕУ, Хуан Гонзалес Барба со неговата француска колешка Амели Де Моншалан“, изјави министерката за надворешни, Аранча Гонзалес Лаја.

Шефовите на дипломатиите оцениле дека постојат перспективи за унапредување на севкупните билатерални односи.

 

Ирина Гелевски