Европа

Девет лица убиени во вооружен напад во Германија, осомничениот пронајден мртов во својот дом

20.02.2020 09:52

Девет лица биле убиени, а неколкумина се ранети во две пукотници во Ханау во близина на Франкфурт. Осомничениот напаѓач бил пронајден мртов неколку часа подоцна во неговиот дом, заедно со уште едно лице. Мотивот за синоќешните пукања засега е нејасен...

Деветмина загинаа, а неколкумина се повредени во напади во два бара во Ханау, западна Германија. Првиот се случи околу 22 часот во наргиле- бар во центарот на градот, дваесетина километри источно од Франкфурт. По бегството од местото на злосторот, напаѓачите отвориле оган и на втората локација во предградието на Кеселштат. Поголемиот дел од гостите во двата локала биле Курди.

„Ми се јави колега да ми каже дека има пукање во близина на кисокот и отидов дотаму. Мислев дека е повреден и татко ми, а и помалиот брат. Тие работат во киоскот. Но ги видов и двајцата, беа исплашени. Плачеа, сите беа избезумени. Се беше како на филм. Си мислиш дека некој се шегува. Се уште не можам да се соземам. Моите колегите ги гледам како семејство. Посакувам повредените да смогнат сили и да закрепнат брзо“, изјави Кан-Лука Фрисена, жител на Франкфурт.

По неколкучасовна потрага со хеликоптер, осомничениот напаѓач е пронајден мртов во неговиот дом, заедно со уште едно лице. Според весникот „Билд“, тој бил германски државјанин со дозвола за носење оружје. Полицијата во неговиот автомобил пронашла дополнителна муниција. Засега е непознат мотив на нападот.

„Полицијата дојде по добиените информации од сведоци кои го идентификуваа возилото и ги прочитале регистарските таблички. Специјалните сили ја лоцираа адресата. Две лица беа најдени мртви во станот“, изјави Михаел Малкмус, портпарол на полицијата на југоисточен Хесен.

Германија се соочува со подем на напади извршени од екстремистички групи, но и со раст на бројот на инциденти кои првично се прогласуваат за „тероризам“, а потоа се докажува дека биле поврзани со организиран криминал или семејно насилство.

Пред неколку дена се случи сличен напад во Берлин, во близина на концертна сала каде што се одржувала турска комедија, во кој загина едно лице. Законот за оружје во Германија е меѓу најстрогите во светот.

Маја С. Филдишев