Напаѓачот во Ханау бил крајнодесничарски екстремист, ксенофобијата мотив за масакрот
Следбеник на ултрадесничарската идеологија усмрти десетина лица во германскиот град Ханау. По масовното убиство, напаѓачот и неговата мајка биле пронајдени мртви во нивниот дом. Германското МВР тврди дека ксенофобијата била мотив за масакрот...

Десетина загинаа, а неколкумина се повредени во терористички напади во два бара во Ханау, западна Германија. Првиот се случи синоќа во наргиле-бар во центарот на градот, дваесетина километри источно од Франкфурт. По бегството од местото на злосторот, напаѓачот отворил оган и на втората локација во предградието на Кеселштат. Поголемиот дел од гостите во двата локала биле Курди.
„Ми се јави колега да ми каже дека има пукање во близина на кисокот и отидов дотаму. Мислев дека е повреден и татко ми, а и помалиот брат. Тие работат во киоскот. Но ги видов и двајцата, беа исплашени. Плачеа, сите беа избезумени. Се беше како на филм. Си мислиш дека некој се шегува. Се уште не можам да се соземам.“
„Околу 22 часот слегов со двете деца. Моите родители живеат во близина. Двајца мажи чекаа пред барот. Мислам дека нападот се случи 6-7 минути подоцна бидејќи јас поминав таму со децата. Ние сме добро. Живеам на 100 метри оттука. Кога се качивме по скалите, слушнавме истрели“, велат жители на Ханау.
По неколкучасовна потрага со хеликоптер, осомничениот напаѓач е пронајден мртов во неговиот дом, заедно со уште едно лице. Според весникот „Билд“, тој бил германски државјанин со дозвола за носење оружје. Полицијата во автомобилот на ултрадесничарскиот радикал пронашла и дополнителна муниција.
„Полицијата дојде по добиените информации од сведоци кои го идентификуваа возилото и ги прочитале регистарските таблички. Специјалните сили ја лоцираа адресата. Две лица беа најдени мртви во станот“, изјави Михаел Малкмус, портпарол на полицијата на југоисточен Хесен.
„Сопственик на возилото бил 43-годишен Германец од Ханау. Автомобилот бил кај неговиот дом. Кога специјалните сили ја пребарале куќата, нашле две мртви лица: напаѓачот и неговата 72-годишна мајка. Двајцата имале прострелни рани, а пиштолот бил лоциран кај извршителот на убиството. Во моментов го анализираме профилот на социјалните мрежи. Според првите резултати, мотивот бил ксенофобија“, рече Петер Бојт , министер за внатрешни работи на Хесен.
Германија се соочува со подем на напади извршени од екстремистички групи. Пред неколку дена во Берлин беше усмртено едно лице во близина на концертна сала каде што се одржувала турска комедија.
Маја С. Филдишев
