Расте бројот на заболени од грип, поради компликации досега починаа три лица
Зголемен е бројот на заболени од грип. Поради компликации од вирусот починаа три лица. Комисијата за заразни болести ја следи состојбата на дневна основа во однос на евентуалниот прекин на наставата во училиштата. Сепак, во наредните 15-тина дена се очекува стагнирање на грипот.
Расте бројот на заболени од грип во земјава, за над 70 насто повеќе од минатата недела. Регистрирани се 5.660 новозаболени, но има и новопотврдени лабораториски примероци. Поради компликации со вирозата, починаа три лица. Биле лекувани со соодветната терапија, но претходно имале и други заболувања, велат во Институт за јавно здравје.
Комисијата за заразни болести редовно ја следи состојбата со грипот во државава и препорачува забрана за посети на пациенти во јавните здравствени установи, за да се спречи натамошно ширење на болеста.
Комисијата ја следи состојбата со новозаболени деца во училиштата и во зависност од проценките ќе предлага нови мерки, исто како и Министерството за образование.
Од Институтот за јавно здравје информираа и дека во земјава пристигнуваат работници од Кина кои работат во западна македонија. Оттаму велат, шестмината работници ќе минат низ сите проверки и постапки.
Според Институтот, нема нови информации за наши граѓани заболени од Коронавирус во странство.
Ана Јосифоска- Тодоровска
