Почнува судењето за организаторите на „27-ми април“
На обвинителна клупа ќе седнат Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и Владимир Атанасовски. Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

Денеска во скопскиот Кривичен суд треба да стартува судењето за организаторите на „27-ми април“. На обвинителна клупа ќе седнат Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и Владимир Атанасовски. Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.
Според Обвинителството, на почетокот на 2017-та година по неуспешните преговори за формирање влада, со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста на земјата, обвинетите подготвиле и реализирале план со акти на насилство да оневозможат мирно примопредавање на власта на новоформираното парламентарно мнозинство.
Организирале протести кои материјално ги помагале, постојано го намалувале бројот на полициски службеници ангажирани за обезбедување на протестите и на Собранието, во кои ги вклучиле патриотските здруженија, презеле мерки да се отстранат пречките за да се овозможи непречен влез на масата народ во Собранието и ангажирале лица за вршење насилство за да се спречи избор на претседател на Собранието, стои во обвинението за „27-ми април“.
Во истрагата беа опфатени и поранешниот премиер Никола Груевски и ексразузнавачот Никола Бошковски, но постапката за нив е запрена додека не станат достапни на органите на прогон.
