Катастарот ќе ги запишува парцелите за кои не е утвдено на кому му припаѓаат

07.03.2014 14:42

Во државниот Катастар се запишани 4,2 милиони парцели. За дестина насто од нив не фигурира сопственичката структура...

Агенцијата за Катастар по службена должност ќе врши изложување на околу 42.000 парцели градежно земјиште, за кое има податоци, но не се запишани  сопственичките права. Акцијата треба да заврши до јуни, а изложувањето е бесплатно. Со тоа ќе се овозможи граѓаните да ја завршат приватизацијата на  дворното место по цена од евро за квадрат.

На околу 26 илјади граѓани ќе им бидат запишани имотните права за повеќе од  40 илјади парцели градежно земјиште, кое не било изложено десега во редовна  постапка. Агенцијата за катастар по службена должност ќе ја заврши работата,  заклучно со јуни годинава, затоа што за нив има податоци во евиденцијата.

„Ќе значи можност тие да ја завршат приватизацијата или откупот на дворното место за едно евро за квадрат, проект на владата и на министерството за финансии кој наиде на  широк интерес кај граѓаните“, изјави Зоран Ставрески  вицепремиер и министер за финансии.

„Наместо поединечни барања, систематски ќе се изложат сите овие 40 илјади парцели во следните 3 до 4 месеци. Со тоа ќе се забрза процесот на легализација“, изјави Миле Јанакиески, министер за транспорт и врски.

За овие 40 илјади парцели има евиденција и граѓаните ќе добијат имотни листови без да носат документи во катастарот.

„За останатите 10 илјади неизложени парцели за кои нема податоци, газдите ќе треба да ги донесат потребните документи во Катастарот. Запишувањето на сопственичките права порано во просек траеше 130 дена, а со реформите тоа е скратено на само 48 часа“, вели Славче Трпески, директор на Агенција за катастар на недвижности на Република Македонија.

 

Свето Николовски