Поддршка за домашни раси на добиток
Сточарите кои одгледуваат домашни раси на добиток и оваа година имаат право на дополнителнна поддршка. Покрај говедата од расата Буша, фармерите ќе добиваат пари и за овците од расата Праменка, домашната Балканска коза и домашниот Шарпланинец.

Со Програмата за поддршка на земјоделството за 2020 година фармерите имаат право на дополнителни 2.000 денари за одгледувани говеда од домашната расата Буша. Стадото треба да има најмалку 5 глави добиток.
На уште 550 денари сточарите имаат право и за овците од расата Праменка односно Овчеполка и Шарпланинска и козите од расата Балканска.
Корисници на оваа мерка се земјоделски стопанства кои одгледуваат овци и кози и кои имаат стадо од најмалку 50 животни.
За домашната раса каракачанска поддршката е 5.000 денари за најмалку 10 овци. Одгледувачите на говедата од расата Биволи можат да добијат 9.000 денари за секое единка.
Сточарите кои имаат овци и кози имаат право и на по 3.000 денари за секој домашен Шарпланинец. Шарпланинците треба да имаат микрочип на денот на поднесувањето на барањето.
Максималниот број е седум пријавени кучиња по земјоделско стопанство.
Помошта за овие автохтони раси кои не се со голема продуктивност е за да се намали ризикот од нивното исчезнување од селата и пасишта во државава.
Методија Трајков
