Двајца кинески работници во изолација, иако се без симптоми на коронавирус
Од Кина пристигнале двајца работници што работат на проекти во земјава. Пред да дојдат биле во 14 дневен задолжителен карантин при што не пројавиле никакви симптоми на коронавирусот. Сега ќе бидат во дополнителна излолација од 14 дена во Извор, кичевско, соопштија здравствените власти...
Двајца инженери ангажирани од кинеската компанија „Синохидро“ на автопатот Кичево- Охрид пристигнаа во земјава. Немаат симптоми на коронавирусот, но сепак епидемиолозите превентивно ги ставиле под двонеделен здравствен надзор во кичевското село Извор. Во заштитна опрема епидемиолог и лаборанти од Одделението за вирусологија ги пречекале на Скопскиот аеродром. Кинеските државјани ниту во матичната земја не пројавиле симптоми на вирусот.
„Лицата ќе бидат поставени во село Извор, кичевско во соодветна барака во изолација и ќе ги спроведуваат мерките на епидемиолошки надзор од Центарот за јавно здравје надлежен за Битола, и ние како Институт за јавно здравје. По земањето на материјалите, бидејќи дијагностиката се спроведува во период од четири часа, ми беше јавено и бев да проверам на Одделението за вирусологија, резултатите се негативни на Ковид 19, на респираторни вируси и на инфлуенса“, изјави д-р Жарко Караџовски, епидемиолог во Институтот за јавно здравје.
Околу 50 кинески работници се ангажирани на автопатот Кичево- Охрид. Дел од нив се очекува да пристигнат наредната недела. И тие ќе подлежат на прегледи и контроли согласно со протоколите.
„Сите лица кои ќе пристигнуваат од Кина, ќе бидат спроведени во соба за изолација и ќе им се земат соодветни материјали за микробиолошки анализи и брисеви, врз основа на кои ќе се дијагностицира евентуално присуство на коронавирус, и ќе бидат поставени во 14- дневен надзор согласно законските регулативи и прописи“, изјави д-р Караџовски.
Македонската телевизија контактираше со мајката Марија Петрова од Велес која очекува нејзината ќерка Стефани, вработена на крузерот „Дајмонд Принцес“ во пристаништето Јокохама да се врати за две недели. Таа е една од тројцата македонски државјани вработени во прекуокеанскиот брод.
Андријана Атанасовска
