Политика

Партиски комбинаторики за предизборни и постизборни коалиции

21.02.2020 15:32

Заев преговара за соработка со ДПА и БЕСА, Мицкоски најавува разговори по изборите со Алтернатива и Алијанса на Албанците. Од ДУИ очекуваат при формирање на владата, почитување на принципот победник со победник...

На помалку од два месеца пред изборите, почнаа комбинаториките. Можни се и нови изборни коалиции. Партиите од македонскиот и од албанскиот политички блок со свои прогнози и најави за победа на 12-ти април. Од ДУИ се убедени дека како победник на претстојните избори ќе биде дел од новата влада. Интегративците очекуваат почитување на принципот победник со победник.

ВМРО-ДПМНЕ се надева на 61 пратеник. Мицкоски најавува можна соработка со Алијанса и Алтернатива. Тој е категоричен- нашиот принцип е политика со политика, додавајќи дека еднаш принципот победник со победник бил прекршен.

Лидерот на СДСМ, Заев пак, најавува за прв пат можна предизборна коалиција со партии од албанскиот блок. Иако не открива детали, се погласни се информациите за можна соработка со БЕСА и ДПА. Додаде дека со ДУИ ги решиле крупните прашања во Владата. Заев е сигурен дека на изборите на 12-ти април, СДСМ е фаворит. Пратеничките листи се најавуваат не подоцна од 9-ти март, кога ќе се одржи партискиот конгрес.

Според роковникот, кандидатските листи партиите треба да ги достават најдоцна до 12 март на полноќ. Кампањата стартува на 23-ти идниот месец и ќе трае до 10-ти април на полноќ. Наредниот ден е молкот, кој е до завршување на гласањето на 12-ти април во 19 часот.

Милчо Велески