Македонија

Демографите предупредуваат- иселувањето е критично

21.02.2020 15:42

Иселувањето во земјава е критично, предупредуваат демографите. Според податоците на Светска банка од 1950-та до денес се иселиле над 650 илјади македонски државјани. Поновите податоци на европски Еуростат со проценка дека околу 110 илјади македонски граѓани трајно ја напуштиле земјава во последниве неколку години. Во моментов, во странство има 450 илјади македонски работници. Најмногу во Германија, САД и Швајцарија. Се очекува бранот да се зголеми...

Германија, САД и Швајцарија се „Ел Дорадо“ за македонските граѓани во последниве години. Официјална бројка колку луѓе се иселиле нема, но според податоците на Еуростат околу 110 илјади државјани се трајно надвор од државата. Некои се иселуваат за постојано, а некои се враќаат на одредено време дома пред повторно да заминат во други држави кадешто веќе воспоставиле контакти и работеле.

Многу македонски државјани го користат тримесечениот безвизен престој во земјите-членки на ЕУ за да најдат работа, по што бараат работни дозволи. Стотици македонски студенти ја користат и програмата за работа и патување во САД во текот на летото. Се создава ситуација домашните студенти да не се заинтересирани за испитна сесија до октомври, вели демографот Панов.

„Минатата година е направена една анкета меѓу младите на техничките и медицинските факултети. Анкетата покажа дека 50% од студентите размислуваат по дипломирањето да ја напуштат државата, а една третина од нив се изјаснија дека не сакаат воопшто да се вратат во државава. Има неколку причини, прво малите плати, па општата економска состојба и на крај политичката ситуација“, вели универзитетскиот професор, Никола Панов.

Редица македонски државјани се секојдневна слика пред Германската амбасада во Скопје. Чекаат на работни дозволи за работа во Германија. Од почетокот на годинава, важат нови правила за доселување на неоходните кадри во земјата, вклучувајќи и луѓе од земји што не се членки на ЕУ. Пред да се донесе барање за виза, апликантите мора да поседуваат нострифицирана  диплома на нивната квалификација подготвена  од германски официјални институции, процес што трае околу три месеци.

Стручните кадри мора добро да го познаваат германскиот јазик. Можно е и паралелно да работат додека се усовршуваат. Затоа, Германија нуди и можност за привремена работа на студенти.

„Имам аплицирано за работна виза за една година. Имам веќе работно место таму.“

„Приложив документи за работна виза во Франкфурт, Германија, чекаме резултати“- велат граѓаните што ги анкетиравме.

Во Германија се неопходни 1,7 милиони работници. Затоа владата во Берлин дава можност, особено од први март, и помалку квалификувани луѓе од Западниот Балкан да дојдат да работат во земјата ако имаат склучено работен договор со извесна германска компанија.

Регулативата со која граѓани од Западниот Балкан може да работат во Германија ќе важи до крајот на оваа година. Но, може да се продолжи и наредната година.

Земјава не е шампионот според иселувањето на Балканот. Првото место ѝ припаѓа на Србија, но според бројот на население, ситуацијата е покритична поради помалубројното население и поради нискиот природен прираст од осум родени на илјада жители.

 

Ирина Гелевска