Три деца загинаа во експлозија во Романовце, на повредите им подлегна и 58-годишен маж
Пожарот предизвикан од експлозија на боца со плин во кумановско Романовце, ја зеде и четвртата жртва. Синоќа на Карил почина 58-годишен маж. Во несреќата загинаа три деца. Уште шестмина членови на семејството се повредени и се згрижени на скопските клиники. Тројца се во критична состојба. Локалните жители потресени од несреќата велат дека во нивното село имало многу пожари во минатото, но ова е прва ваква трагедија...
Кобно неделно претпладне за семејството Алими од кумановско Романовце. Викендот кој требало да ги собере најблиските на иста маса, се претворил во трагедија.
Вчера изутрината во експлозија на плинска боца загинаа три деца на возраст од 8, 9 и 11 години. Повредени се уште седуммина. Двете ќерки со децата пристигнале синоќа во домот на нивните родители. Според соседите, несреќата се случила кога утрото додека останатите спиеле, жените готвеле во кујната.
Соседите во шок и во жалост, велат, досега во Романовце немало трагедија од вакви размери.
Од седуммината повредени кои што се префлени во Клиничкиот центар и во Градската болница, четворица се во тешка состојба, со висок процент и степен на изгореници.
Јавен обвинител и служби на министерството за внатрешни работи извршија увид на местото на несреќата, а конечниот извештај се очекува во следните денови.
Заменик министерот за внатрешни работи, Нухиу најави и дека државните институции ќе обезбедат соодветна поддршка за семјеството.
Марија Котовска
