„Од Солун до Загреб“

Конференција во Солун за перспективите на Западен Балкан во ЕУ

24.02.2020 10:03

„Од Солун до Загреб“, почна форумот за промоција на ЕУ перспективите на регионот, по иницијатива на Грција. Учествува и министерот за надворешни работи Димитров. Во фокусот, предизвиците и перспективите за унапредување на европската интеграција на Западниот Балкан...

Промовирање на европскиот пат на сите земји од Западниот Балкан и враќање на проширувањето како приоритет на ЕУ, е целта на Конференцијата на високо ниво „Од Солун до Загреб“. Учесниците на Конференцијата во Солун ќе нагласат дека евроинтеграцијата не е само приоритет за кандидатите за членство, туку и за државите од регионот кои веќе се во ЕУ, бидејќи таа носи стабилност и просперитет на регионот и навремено и непречено продолжување на реформските напори на земјите.

По неодамнешните предлози на Европската комисија за изменување и дополнување на методологијата на преговори, Конференцијата е одлична можност за сите балкански земји да ја реафирмираат нивната заложба за европската интеграција пред Самитот на Европскиот совет во Загреб во мај во организација на актуелниот претседавач Хрватска. Првите луѓе за евроинтеграција во земјава оценуваат дека ова е важен период кога како држава треба да покажеме капацитет за европско однесување на изборите особено зошто Европскиот совет во март ќе се одржи во првите денови од изборната кампања.

За две недели Европската Комисија треба да го објави извештајот за напредокот на земјава, во кој се очекува да има нова препорака за почеток на преговорите.

Ирина Гелевска