Се подигнува степенот на подготвеност и превенција од коронавирусот
Комисијата за заразни болести донесе нови, зајакнати мерки за превенција од коронавирусот и справување со евентуални заболени, кои дополнително ќе бидат координирани на денешниот состанок со Центарот за управување со кризи во Министерството за внатрешни работи...
Степенот на подготвеност се подига на повисоко ниво, одлука на Комисијата за заразни болести по ширењето на коронавирусот во северна Италија. Донесени нови зајакнати мерки за справување и превенција од евентуално заболени што дополнително ќе бидат координирани на попладневниот состанок со Центарот за управување со кризи.
Се засилува контролата на сите гранични премини и на двата аеродроми во земјава. На граничните премини се отстапуваат посебни простории каде ќе бидат интервјуирани сите патници кои доаѓаат од ризичните дестинации и ќе се врши првичен скрининг на нивната здравствена состојба.
На Скопскиот аеродром со термална камера ќе се следат сите патници, а не како досега само оние што доѓаа од Дубаи и од Истанбул. Со бесконтактен пиштол за мерење на телесната температура ќе се прави скрининг на патниците на Охридскиот аеродром.
Доколку има потреба, Инфективната клиника во Штип ќе функционира како објект за изолација, а тестирањата за сомнителни случаи ќе се вршат во скопската и кумановската инфективна клиника.
Од Министерството за здравство информираа дека во земјава има доволно реагенси за тестирање на коронавирусот.
