Повредените во експлозијата во Романовце во многу тешка здравствена состојба

24.02.2020 12:55

Од пожарот предизвикан од експлозија на боца со плин во кумановско Романовце, синоќа на Карил почина 58-годишен маж.

Две жени на возраст од 35 и 50 години со изгореници од 80 проценти се во критична состојба. На Клинички е уште еден маж со изгореници од 40 насто. Во старата Градска болница се хоспитализирани три лица, меѓу нив и бремена жена. Од пожарот предизвикан од експлозија на боца со плин во кумановско Романовце, синоќа на Карил почина 58-годишен маж.

За жал, во текот на вчерашниот ден почина 58-годишен пациент кој беше во критична состојба откако настрада во експлозијата на плинска боца во Романовце. Состојбата на тројцата пациенти, особено на двете жени е многу критична и тешка, меѓутоа се бориме со максимални сили за да ја стабилизираме нивната здравствена состојба, изјави директорот на ТОАРИЛУЦ д-р Илир Хасани.

Појасни дека се работи за тешки изгореници кои се инкомпатибилни по живот, се работи за повреди, изгореници кои се над 80 отсто, додека мажот има изгореници кои се 45 отсто.

Изгорениците се предоминантна повреда која го загрозува и животот на повредените. Тројцата повредени се хоспитализирани во Единицата за интензивно лекување, се интубирани и се на механичка вентилација во критична состојба, додаде д-р Хасани.

Во вчерашната несреќа во кумановско Романовце, загинаа три деца.