Свет

Коронавирус: Четврта жртва во Италија

24.02.2020 13:18

Италијанските власти со дополнителни мерки за ограничување на ширењето на Ковид-19 во северниот дел на земјата. Во целосна изолација се 11 населени места. Откажан е карневалот во Венеција. Соседните земји се подготвени за слични мерки доколку е потребно. Во Италија се заразени 152 лица, со што земјата е на четвртото место во светот по бројот на заразени, а прва надвор од Азија...

Четврто лице заразено со коронавирусот почина во Италија, додека италијанските власти преземаат мерки да се ограничи ширењето на епидемијата во северниот дел на земјата. Постојано расте и бројот на заразени. Откажан е карневалот во Венеција и низа спортски натпревари. Во повеќе градови во покраината Ломбардија се поставени блокади на патот за да се спречи движење на луѓето. Не е дозволено ниту застанување на возови. Се дезинфицираат сите средства за јавен транспорт- автобуси, возови, дури и бродови во Венеција.

„Дојдов да се тестирам. Немам симптоми, но подобро да го сторам тоа.“ „Контролите се спроведуваат без поголеми проблеми“, велат жителите.

Италијанските власти се уште не можат да го утврдат изворот на вирусот на северот на земјата.

„Не сме во состојба на пандемија, но апсолутно е добро да се обидеме да избегнеме собири што овозможуваат ширење на вирусот. Затоа ги затворивме училиштата на 7, а можеби и на 14 дена. Суспендирани се секакви културни, рекреативни, спортски или верски собири, дури и на места затворени или отворени за јавноста“, рече Џулијо Галера, регионален советник во Ломбардија.

Соседните земји разгледуваат мерки за заштита, откако Австрија привремено го запре железничкиот сообраќај од Италија, а се разгледува и можноста да се затвори границата. Во областа зафатена од вирусот живеат и околу 12 илјади македонски државјани. Италија е четвртата земја по број на заразени, по Кина, Јужна Кореја и Јапонија. Северна Кореја стави во карантин околу 380 странци за да спречи ширењето на заразата.

Министерството за образование и наука на Хрватска, пак издаде препорака до сите училишта, поради заразата да ги откажат патувањата во Италија. Европската унија соопшти дека се подготвува за соочување со коронавирусот.

„Издвојуваме 230 милиони евра како помош во глобалната борба против коронавирусот. Од нив 114 милиони одат за Светската здравствена организација за глобални подготовки. 15 милиони се за земјите партнери. 100 милиони ќе се одвојат за истражување, развојот на вакцини и лекување што ќе има глобален бенефит“, вели Јанез Ленарчич, европски комесар на кризниот менаџмент на ЕУ.

Стравот од пандемија сѐ повеќе расте по зголемувањето на бројот на заболени во Иран. Авганистан, Бахреин и Кувајт соопштија дека ги регистрирале првите случаи на своја територија кај луѓе кои биле во Иран.

Марина Ристова