Критична состојбата на повредените од Романовце

24.02.2020 14:54

Две жени на возраст од 35 и 50 години со изгореници од 80 проценти се во критична состојба. На клинички е уште еден маж со изгореници од 40 насто. Во старата Градска болница се хоспитализирани три лица, меѓу нив и бремена жена. Од пожарот предизвикан од експлозија на боца со плин во кумановско Романовце, синоќа на Карил почина 58-годишен маж. Во вчерашната несреќа загинаа три деца. Утре во Куманово ден на жалост...

Лекарите на скопските клиники се борат за животот на шестмината повредени кои настрадаа во вчерашната експлозија на плинска боца во кумановско Романовце. Состојбата им е неизвесна, петмина се на апарати за дишење. Лекарите објаснуваат дека имаат животозагрозувачки изгореници по телото.

На Одделението за интензивна нега во Ургентниот центар згрижени се тројца од повредените.

„Се работи за повреди, изгореници кои што се над 80 проценти, додека мажот има изгореници кои се 45 проценти. Тројцата се интубирани и тројцата се на механичка вентилација, односно на апарати за вештачко дишење и се во доста тешка и критична состојба“, вели д-р Илир Хасани, директор на ТОАРИЛУЦ.

Уште тројца од повредените се лекуваат на Клиниката за хируршки болести. Исклучително тешка е состојбата на една жена која има 80 проценти изгореници по телото и оштетување на дишните патишта. Меѓу повредените има бремена жена и дете. Лекарите велат- изгорениците ќе имаат влијание и врз другите органи.

„Втората пациентка, која е бремена е со 25 процентна зафатеност на површината на телото, со втор степен на изгореници, како и дете на 10 годишна возраст во тешка општа состојба со над 70 процентна зафатеност на телото и ставено е на машина за дишење“, изјави д-р Љубен Арсенков, директор на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“.

Во експлозијата од плинска боца во семејна куќа во кумановско Романовце загинаа три деца, а еден маж им подлегна на повредите на скопските клиники. Увид извршија јавен обвинител и полицијата, извештајот треба точно да покаже за причините што доведоа до семејната трагедија.

 

Андријана Атанасовска