Коронавирус

Се подигнува степенот на подготвеност за превенција од Ковид-19

24.02.2020 15:45

Итни препораки на Министерството за здравство по ширењето на смртоносниот Коронавирус низ Италија. Се заострува прегледот, генерално врз сите патници, и на двата македонски аеродрома, најави министерот Филипче. Во кризниот регион живеат 23 илјади работници. Нема заразени меѓу нив, соопштија од македонското Министерство за надворешни...

Поради новонастаната состојба со Коронавирусот и проширувањето на вирусот во Северна Италија, министерот Филипче одржа состанок со Комисијата за заразни болести на која беше заклучено- степенот на готовност да се подигне на повисоко ниво. Ќе се прави скрининг на сите патници кои влегуваат во земјава на граничните премини и аеродромите во Скопје и во Охрид.

„Доколку има некој патник кој би бил потенцијален пациент во смисла на појава на некои симптоми или да бил во контакт во изминатиот период се постапува согласно алгоритамот, односно епидемиологот го сместува во посебна просторија на граничниот сувоземен премин каде се прават проверките, се прави тестирањето и понатаму се постапува согласно резултатите“, изјави министерот Филипче.

МТВ ја контактираше претседателката на Здружението на Македонци во Италија „Камен мост“, Илона Захариева, која живее на само 20 километри од жариштето на епидемијата. Според неа, населението се придржува до пропишаните мерки за заштита, но очигледна е вознемиреноста од заразата. Маркетите, вели се празни, а затворени се и сите училиштата.

„Кај населението се гледа паниката, веќе создаваат залихи на храна. Во поголемите градови на многу места има празни рафтови. Училиштата се затворени во текот на оваа недела, сите екскурзии на деца се откажани, сите манифестации се откажани“, изјави Захариева.

Граѓаните доколку немаат итна потреба, да ги одложат патувањата за регионот на Северна Италија, повика министерот за здравство, Венко Филипче.

 

Марина Стојанова- Тонева