Политика

ВМРО-ДПМНЕ најави протест за правда, СДСМ вели- стравот и паниката ескалираат

24.02.2020 16:16

По СДСМ, и ВМРО-ДПМНЕ на протест за правдата. Заев е правдоубиецот Во Република Македонија, рече Мицкоски најавувајќи го протестот за утре попладне од Јавното обвинителство до Врховен суд. Стравот и паниката во ВМРО-ДПМНЕ ескалираат, велат во СДСМ...

Зоран Заев ѝ пукаше во чело на правдата. Преку аудио материјалот видовме како тој владее со Македонија и зошто државата е на дното. Приказ за тоа е како мафијата има своја држава и како правдата престанува да дише, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски. Бидејќи Заев од позицијата премиер диктирал пресуди на Врховниот суд, а Катица Јанева работела во координација и по наредба на Заев, Мицкоски ги повика граѓаните на протестен марш.

„Утре со почеток во 18 часот кој ќе започне од пред Обвинителство на кејот на Вардар па се до Врховниот суд. Ги повикувам сите граѓани да ни се приклучат, од сите националности и убедувања. Ова не е протест само на ВМРО-ДПМНЕ туку на сите граѓани кои знаат дека главната кочница е Зоран Заев. Протест на кој ќе порачаме дека одговорност мора да има за неправдите и дека Заев е виновен“, изјави Мицкоски.

СДСМ возврати- стравот и паниката во ВМРО-ДПМНЕ ескалираат. Извршителот на Груевски, Христијан Мицкоски ќе маршира за неправда, против независното судство и против правната држава. Против сѐ она што е содржано во Законот за обвинителство, рече портпаролот Костадинов.

Борбата за амнестија на нивниот криминал не може да биде и не е борба за правда, а стечајниот управник Мицкоски нуди само правда во стечај. Секогаш кога Мицкоски ќе изговори правда, мисли на криминал. Мицкоки прави се за да го заштити неговиот шеф Груевски“, изјави портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.

Минатата недела, марш за поддршка на правдата одржаа и Социјалдемократите.

 

Миле Ристески