Економија

Западниот Балкан е приоритет на ЕБОР

24.02.2020 16:21

Македонско- бугарското копретседавање со Берлинскиот процес е привилегија за нашата држава, изјави премиерот Спасовски на конференцијата на Њвропска банка за обнова и развој за Западен Балкан. Зелениот договор, енергетската преобразба на Европа зазема приоритетна позиција во новите вложувања на банката, што досега инвестирала 12 милијарди евра во регионот...

Западен Балкан е приоритет за Европската банка за обнова и развој и целиот свет сака овој регион да успее, порача директорот на ЕБОР Сума Чакрабарти во обраќањето на Конференцијата посветена на регионот што се одржа во Лондон. Овој самит е историски и претставува добар модел за сите други самити за други региони во кои што инвестира банката, рече Чакрабарти.

„Овој самит на ЕБОР за Западен Балкан има посебна улога,која што треба да ја одигра,преку директен дијалог во успешен брак да ги поврзе политиката и економијата..Овие самити се фокусираат на практични резултати и на проекти и го промовираат Западен Балкан како извонредно атрактивна инвестивиска дестинација“, изјави Сума Чакрабарти- претседател на ЕБОР.

Покрај македонскиот премиер Оливер Спасовски на Самитот учествуваа и шефовите на влади на Србија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Говорејќи на панелот за приоритетните регионални проекти за кои се очекува поддршка од ЕБОР и од другите финансиски институции и фондови на ЕУ Спасовски нагласи дека земјава максимално ја прифатила регионалната соработка како предуслов за интеграција во ЕУ, притоа презентирајќи ги за нас најважните инфраструктурни проекти.

„Проекти како што е изградбата на патната и железничката инфраструктура на Коридорот 8, изградбата на автопатот Скопје – Блаце, од западно-источниот медитерански коридор, заедничката гранична контрола на железничкиот правец Белград-Скопје-Солун, вклучително со изградениот заедничкиот граничен премин Табановце – Прешево, и заедничко управување на граничните и царински контроли со едно застанување - One-stop-shop, и интерконекцијата за гасно поврзување меѓу Северна Македонија и Грција, со која ќе се овозможи изградба на околу 120 километри гасоводна мрежа, (околу шеесет километри на македонска и шеесет километри на грчка страна), што претставува иницијатива за развој на нови гасни коридори во Југоисточна Европа“, изјави премиерот Спасовски.

Во обраќањето како земја претседавач со Унијата хрватскиот премиер Пленковиќ порача дека треба да се продолжи со процесот на проширување и да им се олесни и забрза патот на соседите до полноправно членство.

„Тоа е еден од нашите приоритети,го вративме Западниот Балкан високо на листата на приоритети на ЕУ. Не беше лесно ,но во текот на последниве години го ставивме на Агендата и прашањето за проширување на Унијата“, рече хрватскиот премиер Пленковиќ.

Ова е четврти Самит за овој регион и не случајно во него ЕБОР има вложено најмногу средства по глава на жител ,појасни Чакрабарти.На Самитот беа потпишани и шест договори поврзани со прекуграничната соработка,во областите на сообраќајот и енергетиката.

Свето Николовски