Пациентот на Инфективната клиника во Скопје негативен на Коронавирус
Патникот од Италија кој ноќеска бил примен на Инфективната клиника нема Коронавирус-потврдија од Министерството за здравство. Државата го подигна нивото на превенција. Под полициски надзор изолациските центри во штипската, гостиварската и велешката болница. Се формира кризен штаб...

Резултатите за Коронавирус се негативни за пациентот кој синоќа беше тестиран на Инфективната клиника во Скопје, информира Министерство за здравство. Се работело за сомнителен случај од регионот на Ломбардија во Италија, кој по тестот покажал дека не е носител на Коронавирус.
Тој пристигнал вчера од Милано во Скопје со попладневниот лет на „Визер“. Патникот поминал низ термалната камера, која кај него не дијагностицирала симптоми на болест. Првите симптоми ги почувствувал по доаѓањето дома, по што се јавил на Инфективната клиника во Скопје и бил примен во 22:00 часот. Од неговото пристигнување на клиниката, пациентот е ставен во изолација, по што му се направени тестови согласно со утврдениот протокол.
Инаку, според Министерството, состојбата се следи во целата држава и во континуитет се постапува по препораките на Светската здравствена организација, а степенот на подготвеност е подигнат на највисоко ниво. Формиран е кризен штаб во рамките на Министерството, а на сила се и нови зајакнати мерки за превенција и справување со евентуални заболени од вирусот Ковид- 19.
