Преговорите со Македонија и Албанија на дневен ред на министрите на ЕУ
Состанок на министрите за надворешни работи на Европската унија во Брисел. Ќе дебатираат и за новата методологија за пристапни преговори и за реформскиот напредок на Скопје и Тирина...

Министрите за надворешни работи на ЕУ денеска во Брисел ќе разговараат за новата методологија за пристапни преговори предложена од Европската комисија, но нема да носат заклучоци додека не се објават извештаите за реформскиот напредок на Скопје и Тирана.
На дневниот ред на Советот за општи работи на ЕУ денеска се предвидени опширни дискусии за претстојниот лидерски самит и за преговорите за идното партнерство на ЕУ и Обединетото Кралство.
Откако ќе завршат овие дискусии, министрите предвидуваат информациска точка посветена на новата методологија за проширување што ја објави Европската комисија пред неколку седмици. Се очекува да биде повторено дека реформата на оваа методологија треба да се одвива паралелно со отворањето на пристапните преговори со Македонија и Албанија, но нема да можат да се носат никакви заклучоци сѐ додека земјите- членки немаат увид во извештаите на ЕК за реформскиот напредок.
Овие извештаи треба да бидат објавени идната недела, најверојатно помеѓу втори и петти март, според информациите добиени во Советот на ЕУ.
