Привршува откупот на тутун
Деветте монополи до крајот на неделава треба да ги затворат вратите на пунктовите за откуп на тутунот. Досега се предадени повеќе од 98 проценти од производството, а поголемиот дел е проценет со прва и со втора класа. Според експертите, се очекува сезоната за преземање на родот да заврши до предвидениот рок, односно до крајот на месецов...
До крајот на неделава треба да заврши откупот на тутунот. Од планираните количества досега се откупени повеќе од 98 проценти, односно повеќе од 26.000 тони тутун.
Просечната откупна цена изнесува 220 денари за килограм. Досега вредноста на преземениот тутун е повеќе од 90 милиони евра, а деветте монополи парите ги даваат според роковите во договорите склучени со тутуноперизводителите.
Годинашнава реколта е со висок квалитет и главно се проценува со прва и со втора класа.
Лани биле засадени 13.300 хектари со тутун и се склучени 32.800 договори. Вкупното производство е проценето на 26.000 тони, што е за 6 отсто повеќе од лани.
Инаку со новиот Закон за тутун која стапува на сила со новата реколта се укинуваат евидентните листови, односно договорите за 2020 година ќе се склучуваат директно со монополите.
По откупот, тутунарите имаат право на финансиската поддршка од 80 денари за килограм прва, 70 денари за втора, и 60 денари за трета класа.
Методија Трајков
