Повредените од експлозијата во Романовце во критична состојба

25.02.2020 13:30

Тројца се на апарати за дишење во интензивното одделение во Ургентниот центар. Уште тројца се на хируршките клиники.

Нема подобрување на здравствената состојба на повредените во експлозијата во кумановско Романовце. Тие и натаму се во тешка критична состојба. Тројца се на апарати за дишење во интензивното одделение во Ургентниот центар. Уште тројца се на хируршките клиники.

„За жал, не можам да Ви кажам никаква добра вест во моментов. Состојбата на мажот кој се наоѓа во Единицата за интензивно лекување на Клиниката за неврохируршки болести е исто така непроменета. Тој е во тешка, но стабилна состојба. Сите тројца се на апарати за дишење. Во моментот се во кома, значи дека организмот реагира и се влошува“, изјави директорот на ТОАРИЛУЦ, д-р Илир Хасани.

Од Универзитетската клиника по хирушки болести „Св.Наум Охридски“ информираа дека и натаму во животозагрозувачка состојба е 31-годишната жена повредена во експлозијата на боца во Романовце, која има 80 проценти изгореници по телото.

„Состојбата е непроменета и е иста како и вчера. Во релативно стабилна состојба се десетгодишното дете и 28-годишната бремена жена. Се преземаат сите мерки за подобрување на здравствената состојба на повредените“, посочуваат од Клиниката.

Во експлозијата од плинска боца во семејна куќа во Романовце починаа три деца, а уште еден 58-годишен маж им подлегна на повредите на скопските клиники.